Протест

Дел од јавната администрација на протест, бараат повисоки плати

14.01.2025 16:36

Потпишување колективни договори и додаток на плати од 30 проценти – бараат вработените од шест министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив. Апелираат Владата да го реши овој нивен долгогодишен проблем...

Потпишување колективни договори и додаток на плати од 30 проценти – бараат вработените од шесте министерства за култура, животна средина, европски прашања, дигитална трансформација, транспорт и врски, економија, како и од Државниот завод за статистика и Државниот архив. Апелираат Владата да го реши овој нивен долгогодишен проблем. Според претседателот на УПОЗ Деановски, за проблемот имале средби со речиси сите ресорни министри и по пат на преговори подготвиле предлог-колективни договори кои со поддршка на министрите биле доставени до Министерството за финансии.

„Иако овие предлог-колективни договори беа доставени до Министерството за финансии пред носење на државниот буџет за 2025 година, од за нас неразбирливи причини Министерството за финансии не одобри средства за потпишување на колективни договори“, изјави Трпе Деановски.

Од Владата се сомневаат дека администрацијата излегла на протест од политички побуди. Велат, подготвени се да ги прифатат предлозите.

„Владата е отворена за секаков вид предлози и сугестии. Има бројни механизми преку кои можат да се отворат овие прашања. Интересно е тоа што изминатите години овој синдикат молчеше за ова прашање, па отворено се сомневаме дека зад ваквиот чекор стои политичка позадина“, вели Митева Митева, портпарол на Владата,

И со додатокот од 30 проценти или околу 6.000 денари, вработените во овие институции повторно ќе бидат под просечната плата во државата – вели претседателот на УПОЗ Деановски.

Во петок протестот ќе се одржи пред Министерството за финансии.

 

Марина Стојанова - Тонева