Пуштена во употреба делницата Градско-Дреново
Пуштена е првата делница од Градско до Дреново, дел од експресниот пат Градско-Прилеп вредна 37,5 милиони евра, со 70 отсто финансирана од средства на ЕУ преку ИПА проект …

Делницата која денес беше предадена за користење е од клучката Градско, до клучката Дреново. Директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски се заблагодари на сите кои учествувале во изградбата на патот, кој бил завршен до август лани во 80 отсто од работите. Вкупната вредност е 37,5 милиони евра
Изведувачот на градежните работи не работел, во август се подготвувал да ги бара парите на арбитража, поради неисплатените средства за една година. Проблемите биле надминати, долгот исплатен, кажа министерот за транспорт и врски Александар Николоски, по што работите продолжиле и завршиле пред крајот на 2024-та година.
Седумдесет отсто од средствата за изградба на експресниот пат Градско-Прилеп се обезбедени од пари на ИПА фондовите.
Премиерот Мицкоски се заблагодари на вработените од изведувачот, но и на неговите колеги од Градежен факултет Скопје, кои се вложиле и имаат заслуга за изградбата на овој експресен пат.
Делницата која се пушти има три клучки, четири вијадукти и еден мост.
Петар Печков
