Израел

Се финализираат деталите за ставање крај на војната меѓу Израел и Хамас

15.01.2025 09:38

Се разработуваат финалните детали за ставање крај војната на Блискиот Исток. Хамас сè уште не дал конечен одговор, а Израел не доставил мапи за повлекува на силите од Газа. Стотици луѓе излегоа на демонстрации во Ерусалим...

Израел и Хамас се на најблиската точка до склучување договор за ставање крај на 15-месечната војна на Блискиот Исток. Финалните деталите сè уште се разработуваат. Хамас не им дал конечен одговор на посредниците бидејќи, како што наведува милитантната група, Израел не доставил мапи за повлекување на силите од Газа. Договорот од три фази се очекува официјално да биде објавен наскоро, во форма на заедничка изјава на посредниците Вашингтон, Доха и Каиро.

„Првиот чекор ќе се спроведе во рок од 42 дена. И во тие денови, ако се постигне договор, ќе почнеме да преговараме нешто повеќе од две недели за втората фаза, која, се разбира, ќе биде покомплицирана“, изјави Гидеон Саар – министер за надворешни работи на Израел.

Нацрт-договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас вклучува постепено ослободување на 33 заложници за време од 42 дена, во замена за ослободување на стотици палестински затвореници од израелските затвори. Меѓу израелските заложници има и петмина војници, кои би требало да бидат ослободени во замена за 250 палестински затвореници.

„Арапската лига, земјите од регионот и пошироко, сите ја потврдија својата поддршка. Хамас, единствениот кочничар, сега целосно изолиран, конечно ја прифати рамката на претседателот Бајден“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Стотици луѓе излегоа на демонстрации во Ерусалим тврдејќи дека израелската влада нема мандат да му се предаде на Хамас по крвавиот напад од 7 октомври 2023 година. Во Тел Авив пак граѓаните нетрпеливо очекуваа детали од договорот.

„Ова е многу критичен момент. Може да е најсреќниот, но може да биде и најлош момент. Мораме да се погрижиме оваа трагедија да биде завршена“, изјави роднина на заложник.

Долгоочекуваниот договор предвидува и израелските сили да се повлечат од Појасот Газа, а на Палестинците да им биде дозволено да се вратат на северот од разурнатата енклава. Во исто време, хуманитарните конвои би можеле непречено да достават помош до населението.

Маријана Димовска