Македонија

Охрид се подготвува за Богојавление Водици, пријавени стотици капачи

15.01.2025 12:05

Охрид се подготвува за Богојавление Водици, пријавени стотици капачи. Водата во Охридското Езеро околу 9 степени, голем број медицински тимови и нуркачи ќе се грижат за безбедноста на капачите и посетителите …

Се е подготвено за најголемата црковно-народна манифестација Богојавление Водици во Охрид. Пријавени се стотици капачи, покрај охриѓани има и верници од други градови. Температурата на водата во Охридското Езеро е околу 9 степени, за безбедноста на капачите ќе се грижат 5 тимови на спасители на вода во чамци, 2 нуркачки тимови, како и 6 медицински тимови за Брза помош со амбулантско возило на копно.

Водите на Охридското Езеро за прв пат ќе ги осветува Архиепископот Македонски г.г. Стефан.

„На огромна радост оваа година на сите нас охриѓани и сите присутни оваа година ќе имаме чест да изврши Богојавленски водосвет Неговото блаженство Архиепископот Охридски Македонски г.г Стефан. Централната богослужба оваа година ќе биде во храмот на Пресвета Богородица во Каменско“, изјави Илија Ристевски претставник од Дебарско-кичевската епархија.

„Многу посебно за Охрид тоа е маркантна појава. И фамилијарно и пријатели се збираат да се видат, тоа се денови за тоа“.

„Најубаво е. Го славиме се посебна љубов. Од срце и душа да ни се среќни празниците“.

Јас не сум православна, ама славиме и ние со нив“.

Охриѓани со посебен пиетет го слават Богојавление Водици. Богослужби во сите цркви, литии до градското пристаниште, духовна музика, но и грејана ракија се дел од традициите.

Илјадници верници се очекува да го следат осветувањето на водите на Охридското Езеро, а стотици капачи ќе пливаат по Светиот крст.

 

Соња Рилковска