Хамас и Израел ги финализираат деталите за спроведувањето на договорот за заложници
Израел и Хамас на чекор до конечен договор. Се финализираат деталите за повлекувањето од газа и за ослободувањето на заложниците. Првата фаза од прекинот на огнот е предвидено да трае 60 дена, при што се очекува да бидат ослободени 33-ца израелски заложници...

Израел и Хамас се на најблиската точка до склучување договор за ставање крај на 15-месечната војна на Блискиот Исток. Финалните деталите сè уште се разработуваат. Хамас не им дал конечен одговор на посредниците бидејќи, како што наведува милитантната група, Израел не доставил мапи за повлекување на силите од Газа.
„Арапската лига, земјите од регионот и пошироко, сите ја потврдија својата поддршка. Хамас, единствениот кочничар, сега целосно изолиран, конечно ја прифати рамката на претседателот Бајден“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Нацрт-договорот за прекин на огнот во три фази предвидува постепено ослободување на 33 заложници за време од 42 дена, во замена за ослободување на стотици палестински затвореници од израелските затвори. Договорот се очекува официјално да биде објавен наскоро, во форма на заедничка изјава на посредниците Вашингтон, Доха и Каиро.
„Првиот чекор ќе се спроведе во рок од 42 дена. И во тие денови, ако се постигне договор, ќе почнеме да преговараме нешто повеќе од две недели за втората фаза, која, се разбира, ќе биде покомплицирана“, изјави Гидеон Саар, министер за надворешни работи на Израел.
Кабинетот на премиерот Нетанјаху поделен. Министерот за финансии Смотрич е против договорот, велејќи дека Израел е во клучен момент за безбедноста, иднината и постоењето.
„Единственото нешто што ме засега – како ќе го уништиме и поразиме Хамас и ќе ги вратиме сите заложници дома, нема да се одморам или да молчам додека не ги постигнеме овие цели“, изјави Безалел Смотрич, министер за финансии на Израел.
Стотици луѓе излегоа на демонстрации во Ерусалим тврдејќи дека израелската влада нема мандат да му се предаде на Хамас по крвавиот напад од 7 октомври 2023 година. Во Тел Авив пак граѓаните нетрпеливо очекуваа детали од договорот.
„Ова е многу критичен момент. Може да е најсреќниот, но може да биде и најлош момент. Мораме да се погрижиме оваа трагедија да биде завршена“, изјави роднина на заложник.
Израелските сили ги засилија нападите врз Газа во текот на ноќта. Има жртви и повредени. На удар бегалски кампови и училиштен центар. Израелската одбрана соопшти дека погодила повеќе од 50 терористички цели на Хамас и палестинскиот Исламски џихад.
Маријана Димовска
