Украина

Украина воведе итни прекини на струја поради масовните руски напади

15.01.2025 11:48

Украинските власти објавија национална воздушна тревога. Русите со крстосувачки ракети ја нападнаа земјата, како одговор на нападот што силите на Киев го изведоа ден претходно. Метата позната – енергетскиот сектор на Украина.

Масовен руски напад со крстосувачки ракети и беспилотни летала врз Украина. На удар клучни инфраструктурни објекти. Главна цел енергетската мрежа и хидроцентралите. Украинскиот национален оператор воведе вонредни прекини на струја во шест региони. Превентивни мерки се преземаат и во поголемите градови. Украинскиот претседател Зеленски со повик до западните сојузници – на сите бригади на армијата им е потребно надополнување во персонал, но пред сè недостига опрема.

„Не помалку опасни се новите закани од беспилотни летала кои Русија може да ги искористи за дестабилизација на инфраструктурните објекти на континентот, како што се аеродромите или електраните. Сите ние мора да ја координираме нашата работа заедно за поголема безбедност на нашите земји“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Црвениот аларм се вклучува и во северноатлантската алијанса. Генералниот секретар Руте во обраќањето пред воениот комитет рече дека е потребно да се префрлиме на размислување како во време на војна.

„Нашата идна безбедност е загрозена. Војната на Русија против Украина беснее. Руските непријателски акции против нашите земји се забрзуваат со сајбер напади, обиди за атентати, акти на саботажа и многу повеќе. Ова го нарекувавме хибрид, но тоа се акции и кампањи за дестабилизација. Русија работи да ги ослабе нашите демократии и да ја загрози нашата слобода. Се на се безбедносната слика не изгледа добро“, изјави Марк Руте – генерален секретар на НАТО.

„Руската војна против Украина има глобални последици, а НАТО е исто така длабоко загрижен за улогата што Кина ја игра во меѓународната безбедност. Има нулта транспарентност за нејзиното воено засилување, вклучително и нејзините нуклеарни сили, Кина продолжува да покажува сè поагресивно однесување против своите соседи. Најдобар одговор на сето ова да застанеме заедно поцврсто од кога било“, изјави адмирал Роб Бауер, претседател на Воениот комитет.

По посетата на германскиот министер за одбрана на Киев, поради тешката состојба во Украина, Берлин експресно донесе одлука за испорака на дополнители 60 наведувани ракети ИРИС-Т. Испораката во вредност од 60 милиони евра треба да биде извлечена од резервите на германските вооружени сили.

 

Маја Стојанова