УПОЗ не се откажува од протестите
Да не се дозволи нерамноправен третман на вработените во државните органи – Синдикатот на УПОЗ со повик до власта и опозицијата на протестот да не му даваат партиска нота.

30-минутната пауза – вработените од шест министерства и две државни институции повторно на протест. Од Синдикатот на УПОЗ се пожалија на притисоци, но не откриваат во кои ресори. Се бараат повисоки плати за 30 проценти за да не се дозволи нерамномерен третман на вработените во државните органи, како и колективен договор.
„Платите на 70% од вработените во министерството се под просечната плата во Република Македонија, а разликата со платите на вработените на исти позиции во државните органи кои го добија додатокот на основната плата е 30%. Носиме сериозна одговорност и бараме сериозен пристап кон нашите барања, државната администрација не смее и не треба да се потценува со никакви квалификации“, изјави Бранко Костовски – претседател на Синдикална организација на Министерството за култура при УПОЗ.
Од Синдикатот на УПОЗ ги отфрлаат тврдењата на Владата дека протестите се политички мотивирани, бидејќи барањата со години наназад се исти. Потсетија дека во изминатите три години имале три штрајка и најмалку 20 протести.
„Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на овие протести бидејќи имаа 7 години да го решат овој проблем. Но, наместо да го решат, направија се што можат да го забранат колективното договарање, па дури беа и првата влада која поништи колективен договор. Барањата остануваат исти и апелираме до владата и ресорните министерства што побрзо да започнеме преговори и да најдеме заедничко прифатливо решение за овој проблем“, изјави Трпе Деановски – претседател на Синдикатот на УПОЗ.
Протестите се политички мотивирани, платите не се високи, но можностите на буџетот се лимитирани – велат од Владата . Оттаму остануваат на ставот дека се отворени за постигнување договор преку дијалог.
„Жалиме што УПОЗ и покрај економско-социјалниот совет како тело во коешто учествуваат и на коешто секогаш сме дискутирале за сите предизвици, одбраа да протестираат. Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека како влада сме спремни да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите. Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност.“ – велат од Владата.
На протест излегуваат вработените од министерствата за култура, животна средина, европски прашања, дигитална трансформација, транспорт и врски, економија, како и од Државниот завод за статистика и Државниот архив.
И со зголемувањето на платата за 30 проценти или за околу 6.000 денари – вработените од овие институции велат повторно ќе земаат под просечната плата. Протестите ќе продолжат и во наредните денови, во петок ќе протестираат пред Министерството за финансии.
Андријана Ѓурческа
