Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот во Газа
По 15 месеци крвав конфликт, Израел и Хамас постигнаа договор за примирје. Шестнеделното примирје ќе стапи на сила на 19-ти јануари. Во првата фаза треба да бидат ослободени 33-јца израелски заложници во замена за стотици палестински затвореници. Жителите на Газа излегоа на улиците прославувајќи го постигнатиот договор.

По 15 месеци крвава војна на Блискиот Исток, Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот во Газа. Шестнеделното примирје ќе стапи во сила на 19-ти јануари, а ќе се одвива етапно во три фази со што ќе се овозможат преговори за траен прекин на војната – потврди преговарачкиот тим во Доха.
„Првата фаза од договорот ќе трае 42 дена и ќе вклучува повлекување на израелските сили од населените места и нивно позиционирање долж границата со Газа за размена на заробеници, на останки и враќање на раселените во нивните домови. Хамас ќе ослободи 33 израелски заложници за возврат на стотици палестински затвореници од Израел“, изјави Мохамед ал Тани, премиер на Катар.
Американскиот претседател во заминување Бајден ја поздрави објавата, додавајќи дека американската дипломатија дала резултати.
„Договорот е резултат, не само на екстремниот притисок под кој беше Хамас и на променетата регионална равенка по прекинот на огнот во Либан и слабеењето на Иран – туку и на напорната и макотрпна американска дипломатија“, изјави Џозеф Бајден, претседател на САД.
Неговиот наследник Трамп, пак, тврди дека „епскиот“ договор можел да биде постигнат само поради неговиот избор во Ноември. Вети дека ќе работи со Израел за да обезбеди Газа никогаш повеќе да не стане засолниште на терористите.
„Овој епски договор се случи само како резултат на нашата историска победа во ноември, бидејќи му сигнализираше на целиот свет дека мојата администрација ќе бара мир и ќе преговара за договори за да се осигури безбедноста на сите Американци и нашите сојузници“, изјави Трамп – социјална мрежа ТЕЛОП.
Со договорот се предвидува и зголемување на потребната хуманитарна помош за палестинските цивили. ОН го поздравија прекинот на огнот повикувајќи ги двете страни да ги почитуваат условите.
„Подготвени сме да го поддржиме спроведувањето на овој договор и да ја зголемиме испораката на хуманитарна помош за Палестинците, затоа ги повикувам двете страни да ја олеснат брзата и безбедна достава до цивилите“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
На улиците во Газа прослави, во Тел Авив измешани чувства.
„Оваа среќа ја чекаме година и пол. Никој не може да го опише чувството што го доживуваме сега, тоа е неописливо“, изјави Махмуд Вади, жител на Газа.
„Има многу измешани чувства. Од една страна сум среќна од друга страна не сум сигурна дали ќе се врати жив. Навистина се надевам дека договорот нема да заврши само со овие 33 заложници“, изјави Ифат Калдерон, роднина на заложник.
Договорот е постигнат по неколкумесечни преговори меѓу египетските и катарските посредници, со поддршка на САД, на само неколку дена пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Трамп на 20-ти јануари. Од почетокот на војната во Газа, предизвикана од нападот на Хамас на 7-ми октомври 2023-та, загинаа над 46 илјади Палестинци.
Бојана Крстевски
