Македонскиот кошаркарски репрезентативец се сели во Полска

Бојан Трајковски во Енерга Чарњи

30.07.2014 13:06

Трајковски неодамна остави позитивен впечаток во националниот дрес и беше еден од највпечатливите поединци во нашата подновена и подмладена репрезентација на подготвителните турнири во Охрид и во Скопје...

Нашиот кошаркарски репрезентативец Бојан Трајковски ќе го напушти домашното првенство и наредната сезона ќе игра за полскиот прволигаш Енерга Чарњи од Слупск, објавија полските спортски медиуми.

Играчот којшто минатата сезона ги бранеше боите на Лирија (со просек 19,1 поен и 10,1 скок по натпревар), а претходно настапуваше за Работнички, Торус и за Фени Индустри, првпат ќе зачекори на интернационалната сцена и тоа во клубот којшто минатата сезона заврши на петтото место во шампионатот на Полска, по што беше елиминиран во четвртфиналето од плеј-офот.

Трајковски неодамна остави позитивен впечаток во националниот дрес и беше еден од највпечатливите поединци во нашата подновена и подмладена репрезентација на подготвителните турнири во Охрид и во Скопје. На еден од натпреварите беше најефикасен играч и најзаслужен за победата на Македонија над Полска од 73-63, во којашто придонесе со 21 постигнат поен. Во дресот на Енерга Чарњи, Трајковски ќе игра заедно со двајца полски репрезентативци коишто настапија на тој меч, Шнијег и Мокрос.

Пред десетина дена, продолжување на кариерата во Полска објави и досегашниот тренер на Работнички и помошник на селекторот Џикиќ во националниот тим, Емил Рајковиќ. Тој ќе биде нов тренер на 17-кратниот првак на оваа земја, Сласк Вроцлав.