Свет

Меѓународната заедница го поздрави примирјето меѓу Израел и Хамас

16.01.2025 09:40

Неколку часа откако беше објавен договорот за примирје меѓу Израел и Хамас, Тел Авив продолжи со жестоки напади во енклавата. Најмалку 32 лица загинаа, многумина се ранети. Меѓународната заедница го поздрави постигнувањето договор, но во кабинетот на израелскиот премиер Нетанјаху несогласувања. Договорот предвидува шестнеделно примирје, ослободување на 33 израелски заложници во замена на стотици палестински затвореници…

Ова е ден на надеж, прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас мора да се спроведе и одржи – меѓународната заедница и хуманитарните агенции го поздравија примирјето, повикувајќи ги двете страни да се држат до условите. Франција и Канада бараат трајно политичко решение на конфликтот со две држави.

„Ова ни дава надеж да го насочиме нашето внимание на вистинско, трајно политичко решение за овој конфликт, решение со две држави со Израелци и Палестинци кои живеат рамо до рамо во безбедност и достоинство“, изјави Џастин Трудо, премиер на Канада.

„Ова е ден на надеж, по 466 дена агонија и болка низ Блискиот Исток, конечно на овој ужас му дојде крајот“, рече Дејвид Лами, министер за надворешни работи на Велика Британија.

„Подготвени сме да го поддржиме спроведувањето на овој договор и да ја зголемиме испораката на хуманитарна помош за Палестинците, затоа ги повикувам двете страни да ја олеснат брзата и безбедна достава до цивилите“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.

За Хамас, но и за Иран, договорот е историски момент и пораз за еврејската држава. Прекинот на огнот стапува во сила в недела, а само неколку часа пред да биде изгласан од владата во Тел Авив, Израел изврши нови напади во Газа.

Десетици цивили се загинати и повредени. Од кабинетот на Нетанјаху соопштија дека премиерот им се заблагодарил на Бајден и Трамп за напорите на договорот, но дека Хамас сака да диктира кои затвореници да бидат ослободени. Американскиот претседател во заминување задоволен ја напушта функцијата. Во последното обраќање од овалната соба ги пофали напорите на тимот на Трамп, но успехот за договорот го препиша на својата администрација.

„По осум месеци непрекинати преговори мојата администрација, според моја мерка, постигна прекин на огнот и договор за заложници од Израел и Хамас, чии елементи детално ги изложив во мај годинава. Овој план беше развиен и преговаран од мојот тим и ќе биде спроведен од администрацијата што доаѓа“, нагласи американскиот претседател Џозеф Бајден.

За неговиот наследник Трамп пак, епскиот договор не би можел да се случи доколку тој не бил избран на изборите во Ноември. Договорот во Газа беше дочекан со радости и прослави, додека роднините на заложниците во Тел Авив споделуваа измешани чувства, несигурни дали најблиските ќе им бидат вратени живи. Примирјето ќе се одвива во три фази. Првично со постепено ослободување на 33 заложници во замена за стотици палестински заробеници од Израел, повлекување на израелските трупи од енклавата и враќање на раселените во домовите, по што ќе се овозможат преговори за ставање крај на војната.

Бојана Крстевски