Здравство

Грипот е посебно опасен за лицата со хронични заболувања

17.01.2025 12:10

Од почетокот на годината Институтот за јавно здравје регистрира 1.053 случаи на заболени од грип. 633 лица се на возраст од 15 до 64 години. Најголем број пациенти се во Скопје, 305, Дебар 134, Куманово 118 и Тетово и Гостивар 66. Пикот се очекува на средината на февруари …

Во тек е сезоната на грипот, лекарските ординации се со зголемен број пациенти, а се полнат и болничките оддели. Вирусот на грипот може да предизвика сериозни компликации кај заболените, но посебно ранливи се лицата кои имаат хронични заболувања.

Лицата со коморбидитети треба да обратат посебно внимание на превенцијата, да се изолираат од контакт со заболени и да практикуваат заштитни маски. Во Штип за сега состојбата со грипот е стабилна.

Малиот број пациенти во Штип со клинички потврден грип епидемиолозите го препишуваат, меѓу другото и на високиот опфат со имунизација од сезонскиот грип. Сезонава околу две илјади лица од регионот на штипскиот Центар за јавно здравје примија вакцина против грип.

 

Славица Величковска