Бугарија

Бугарскиот Парламент ја избра новата Влада на чело со Жељазков

16.01.2025 12:45

Бугарија доби нова Влада, со 125 пратеници „за“ и 11 „против“ доби зелено светло од Народното собрание. Ќе ја предводи Росен Жељазков. Најави дека приоритет ќе биде владеење на правото, меѓудругото и членството во еврозоната. Ќе добие ли конечно Македонија соговорник да се реши спорот.

Росен Жељазков е нов премиер на Бугарија. За Владата гласаа 125 пратеници, „против“ 114, немаше воздржани. Пратениците во Народното собрание го избраа и составот на кабинетот на Жељазков со истото мнозинство. Новата Влада ја сочинуваат ГЕРБ-СДС, БСП и „Има таков народ“, а и ја има поддршката и од партијата на Ахмет Доган. Економијата и владеењето на правото ќе бидат во нејзиниот фокус.

„На Бугарија и треба редовна Влада за да ги реализира политиките за поддршка на демократското владеење на правото, конкурентноста на нашата економија, безбедноста, одбраната и социјалните права на граѓаните“, изјави Росен Жељазков, нов премиер на Бугарија.

По многу обиди во изминатите четири години, седум изборни циклуси и два и пол месеци по последните парламентарни избори, Бугарија доби редовна политичка Влада. Останува отворено прашањето дали во владата на Жељазков, македонската дипломатија ќе најде соговорник за приближување на ставовите во пристапниот процес кон ЕУ. Георг Георгиев од партијата ГЕРБ на Борисов е новиот шеф на бугарската дипломатија.

Македонскиот министер надворешни работи Муцунски, на работниот појадок со амбасадорите од земјите-членки на ЕУ посочи дека нашиот пат е условен со билатерални прашања, како и дека ние останавме доследни на исполнување на сите претходно преземени меѓународни обврски, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија.

 

Марина Стојанова-Тонева