Газа: Реки крв по улиците, урнати домови, преполни болници...

30.07.2014 13:14

По тешка ноќ на крвопролевања, гранати одекнаа врз преполно училиште на Обединетите нации. Загинаа 15 луѓе, меѓу кои лекар и дете, повредени се стотина...

Израелски авиони повторно со летоци ги предупредија цивилите во Газа да се евакуираат, но не се напаѓаат само тунелите и складиштата на Хамас. По тешка ноќ на крвопролевања, гранати одекнаа врз преполно училиште на Обединетите нации. Загинаа 15 луѓе, меѓу кои лекар и дете, повредени се стотина.

„Спиевме под заштита на Алах, под покривот на Обединетите нации. Се враќавме од џамијата кога нападнаа. Ова е неправедно. Убија повеќе од 50 луѓе. Алах да ги казни Евреите и тие Арапи што само гледаат и не прават ништо. Доста беше! Имајте милост“, вели жителка на Газа.

Од Обединетите нации не се сомневаат дека гранатите врз училиштето во бегалскиот камп Џебалија дошле од израелски тенкови. Признаваат и дека во едно од нивните училишта навистина нашле скриени ракети, но очајни велат – веќе не можат да сторат ништо за 200 илјади бегалци во нивните кампови. Луѓето од Газа, барикадирана од сите страни, немаат каде да одат.

„Бројот на убиени е огромен – цивили, жени, деца, постари луѓе. Ситуацијата е многу лоша“, изјави Мухамад Асаф, амбасадор на добра волја на ОН.

Од израелски оган само изутрината загинаа 43 Палестинци, со што нивниот број се искачи на над 1200. Додека египетските посредници подготвуваат нов предлог за прекин на огнот, Хамас не се откажува од заканите против израелската држава.

„Окупаторскиот ентитет нема да добие безбедност ако нашиот народ не добие слобода и достоинство. Нема да има прекин на огнот ако не престане агресијата и не се крене блокадата на Газа. Не прифаќаме преодни решенија“, рече Мохамед Деиф, командант на вооруженото крило на Хамас.

Според израелските медиуми, во Каиро е постигнат напредок во обидите за договор. Се очекува на разговори да пристигне палестинска делегација. Израелскиот премиер Нетанјаху предупреди на долг конфликт.

 

Ивана Салтировска