Собранието ја констатираше оставката на Илире Даути
Даути, образложувајќи ја оставката, посочи дека тоа е врв на срамот што се случил во Собранието.

Собранието ја констатираше оставката на Илире Даути од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, откако денеска таа побара во рамки на 30 седница да ја образложи својата неотповиклива оставка по изгласувањето на нејзината интерпелација минатиот петок. Пред да ја образложи оставката, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја напуштија собраниската сала.
Даути, образложувајќи ја оставката, посочи дека тоа е врв на срамот што се случил во Собранието.
Моето дејствие за ставање на Законот за бранители е врз основа на членот 3, кој подразбира дополнителни услови како да дејствуваат институциите. Нема да прифатам различни услови на дејствување надвор од Деловникот. Избирам да дејствувам слободно, без условувања и да ги заштитам вредностите на демократијата и слободата. Така дејствував и кога го донесовме Законот за државјанство, кога искористувајќи ги сите механизми, го одблокиравме и донесовме законот – рече Даути.
Интерпелацијата на Даути беше поднесена од пратеничката група Левица. Собранието констатираше дека наводите во интерпелацијата се основани. На седницата тогаш не присуствуваа пратениците на СДСМ.
