САД

Проштален говор на Џозеф Бајден

16.01.2025 17:00

Проштален говор на американскиот претседател во заминување, Џозеф Бајден. Во говорот се осврна на економскиот напредок, законските регулативи за безбедноста на оружјето и зајакнувањето на меѓународните сојузи...

Растечката олигархија може да ги загрози демократијата и основните вредности во САД, предупреди американскиот претседател во заминување, Џо Бајден во своето последно обраќање од Белата куќа. Во говорот се осврна на економскиот напредок, законските регулативи за безбедноста на оружјето и зајакнувањето на меѓународните сојузи.

„Денес, во Америка се формира олигархија на екстремно богатство, моќ и влијание што буквално ја загрозува целата наша демократија, нашите основни права, слободи, и фер удел за сите да напредуваат“, изјави Џозеф Бајден, претседател на САД.

Меѓу другото зборуваше и за ограничувањето на моќта на претседателот. Повика на промена на Уставот за укинување на претседателскиот имунитет.

„Треба да го измениме Уставот за да стане јасно дека ниту еден претседател не е имун од злосторствата што тој или таа ги прави додека е на функција. Моќта на претседателот не е неограничена и не треба да биде“, изјави Џозеф Бајден, претседател на САД.

46. Претседател на САД укажа и на злоупотребата на социјалните платформи за ширење дезинформации и опасностите од развојот на вештачката интелигенција без соодветна регулатива.

„Слободниот печат исчезнува со лаги, кажани за моќ и за профит. Мораме да бараме одговорност за да ги заштитиме нашите деца, семејства и нашата демократија од злоупотреба на моќта“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Бајден, кој го собори Трамп на претседателските избори во 2020 година и беше на челната позиција на САД еден мандат, најави дека ќе остане активен во политиката и по заминувањето од функцијата на 20 јануари.

 

Маријана Димовска