Бугарија

Неизвесно во кој правец ќе се одвива дијалогот со новата бугарска Влада

16.01.2025 16:33

Пратениците во Народното собрание го избраа и составот на кабинетот на Жељазков со истото мнозинство. Македонија со владата на Жељазков, ако ништо повеќе, ќе може да оствари дијалог на тема колку се почитува договорот за пријателство-вели поранешниот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев...

Росен Жељазков е нов премиер на Бугарија. За Владата гласаа 125 пратеници, „против“ 114, немаше воздржани. Пратениците во Народното собрание го избраа и составот на кабинетот на Жељазков со истото мнозинство. Новата влада ја сочинуваат ГЕРБ-СДС, БСП и „Има таков народ“, а и ја има поддршката и од партијата на Ахмет Доган. Економијата и владеењето на правото ќе бидат во нејзиниот фокус.

„На Бугарија и треба редовна влада за да ги реализира политиките за поддршка на демократското владеење на правото, конкурентноста на нашата економија, безбедноста, одбраната и социјалните права на граѓаните“, изјави Росен Жељазков, нов премиер на Бугарија.

Македонија со Владата на Жељазков, ќе може да оствари дијалог на тема колку се почитува договорот за пријателство, ништо нема да се промени во однос на добро познатите ставови на источниот сосед, вели поранешниот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев.

Неизвесно ќе биде во кој правец ќе се одвива дијалогот. Ќе бараме рамноправност, почитување на човековите права и слободи според универзалната декларација за човекови права и за Македонците во Бугарија, ќе бараме да се утврди што е тоа што ние сметаме дека сме го исполниле во однос на Бугарите во Македнија, во делот на историјата ќе ги поставиме прашањата по европски стандарди“, изјави Марјан Ѓорчев.

Македонскиот министер надворешни работи Муцунски, на работниот појадок со амбасадорите од земјите-членки на ЕУ посочи дека нашиот пат е условен со билатерални прашања, како и дека ние останавме доследни на исполнување на сите претходно преземени меѓународни обврски.

Марина Стојанова - Тонева