Блиски Исток

Израел утре ќе го потврди договорот со Хамас

17.01.2025 08:18

Кабинетот на израелскиот премиер Нетанјаху ќе се состане в сабота за да го потврди договорот за прекин на огнот со Хамас. Потегот на Тел Авив би може да го одложи враќањето на првите заложници од недела до понеделник. Вашингтон уверува дека прекин на огнот меѓу Израел и Хамас ќе почне да се применува в недела. Меѓународната заедница бара двете страни да ги почитуваат договорените услови.

Израелската влада го одложи состанокот за потврдување на договорот со Хамас за прекин на огнот. Средбата на кабинетот на Нетанјаху најверојатно ќе се одржи в сабота. Канцеларијата на Нетанјаху потврди дека договорот е финализиран, но вели дека владата нема да се состане за да го одобри до сабота, што ќе го одложи враќањето на првите заложници од недела до понеделник. Од Белата куќа претходно изјавија дека договорот стапува во сила в недела. Новоизбраниот американски претседател Трамп изјави дека е подобро се да се финализира пред неговата инаугурација.

„Уверен сум и целосно очекувам дека имплементацијата ќе почне, како што рековме, в недела. Не е баш изненадувачки што во еден процес, во преговори, кој беше толку предизвикувачки може да добиете лабав крај“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Израелскиот министер за национална безбедност, припадник на крајната десница Бен Гвир се закани дека ќе поднесе оставка доколку владата го усвои, како што рече, неодговорниот договор за прекин на огнот.

„За ослободување на заложниците треба целосно да се прекине хуманитарната помош испратена во Газа. Само под таков услов Хамас ќе ги ослободи нашите заложници без да ја загрози безбедноста на Израел“, изјави Бен Гвир, министер за национална безбедност на Израел.

Меѓународната заедница и хуманитарните агенции велат дека спогодбата мора да се спроведе и одржи, повикувајќи ги двете страни да ги почитуваат условите. Во Газа продолжија нападите.

„Искрено се надеваме дека овој договор го означува крајот на најтемното поглавје во историјата на односите меѓу Израелците и Палестинците“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

Примирјето ќе се одвива во три фази. Првично со постепено ослободување на 33 заложници во замена за стотици палестински заробеници од Израел, повлекување на израелските трупи од енклавата и враќање на раселените во домовите, по што ќе се овозможат преговори за ставање крај на војната.

 

Маријана Димовска