Квалитетната програма на „Охридско лето“ ги полни сцените
Квалитетната програма и познатите имиња од светот на музичката и драмската уметност ги полнат летните и затворените сцени во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Големиот интерес на публиката придонесе дел од настаните да се пренесуваат во живо преку интернет, така што може да се рече дека „лајв стримингот“ станува дел од фестивалот...

Со синоќешниот концерт под наслов „Од творечкиот опус на композиторот Томислав Зографски“ во исполнение на врвни домашни уметници, во рамките на Охридско лето беше одбележана 80-годишнината од раѓањето на еден од основоположниците на македонската композиторска школа.
Музичкиот дел од програмата на фестивалот во изминатите 20-тина дена ги исполни очекувањата на публиката која уживаше во настапите на светски уметници од калиброт на оперските звезди Барбара Фритоли и Лео Нучи, пијанистите Аркадиј Володос и Максим Мрвица, Моцарт груп, виолинистот Нинг Фенг и други познати имиња.
„Концептот на 54-то издание на фестивалот Охридско лето е пред се квалитетна програма, гостување на светски квалитетни уметници, концепирање на атрактивни содржини за пошироката публика и секако учество на македонските оркестри и ансамбли, како и изведба на композиции од македонски автори“, изјави Гордана Јосифова Неделковска, музички селектор на фестивалот.
Музичките и драмските настани на „Охридско лето“ годинава ги задоволија вкусовите на пребирливата публика за што потврда се преполните гледалишта.
„Тоа секако се должи на атрактивната и квалитетната програма која ја нудиме и искрено верувам дека годинава ќе го запишиме едно од најуспешните фестивалски изданија“, рече Елизабета Јанкуловска, директор на фестивалот „Охридско лето“.
Поради големиот интерес на публиката, а и желбата на оние кои не се во Охрид да видат дел од случувањата на фестивалот синоќешниот концерт беше пренесуван во живо на интернет преку линковите на веб страницата на Охридско лето, а вечерва ќе биде пренесуван и концертот на оркестарот на Музичката младина на Македонија, кој годинава по 29-пат учествува на оваа манифестација.
Сашо Нелоски
