Блиски Исток

Болниците се подготвени за заложниците од Газа

17.01.2025 11:00

Здравствените установи во Израел се подготвени за заложниците што ќе бидат ослободени од Газа. Меѓународната заедница и хуманитарните агенции велат дека спогодбата за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас мора да се спроведе и одржи. По низа несогласувања, кабинетот на премиерот Нетанјаху свика состанок за потврда на договорот. Вашингтон уверува, прекинот на огнот ќе почне да се применува в недела...

Израелските болници се подготвени да се справат со медицинските состојби на заложниците што ќе бидат ослободени од Појасот Газа. Здравствените власти потврдија дека развиле протокол за лекување на менталното здравје на луѓето кои повеќе од 15 месеци се во заробеништво, а голем дел веројатно е во тунелите под земја.

„Нашата главна грижа е долгото време, 468 дена. Овие заробеници тие веројатно се држат во многу лоши услови со недостаток на храна и хигиена. Се подготвуваме не само за медицинските состојби, се грижиме и развиваме протоколи за менталниот статус на луѓето кои се враќаат“, изјави Д-р Хагар Мизрахи, раководител на медицинскиот директорат во Министерството за здравство.

Околу 100 заложници се заробени во Газа, цивили и војници, меѓу нив има десетина странски државјани. Војската верува дека најмалку една третина од или половина од киднапираните на 7 октомври 2023 година се починати. Меѓународната заедница и хуманитарните агенции велат дека спогодбата за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас мора да се спроведе и одржи. Упатен повик ди двете страни да ги почитуваат условите.

„Искрено се надеваме дека овој договор го означува крајот на најтемното поглавје во историјата на односите меѓу Израелците и Палестинците“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

По низа одложувања, кабинетот на израелскиот премиер Нетанјаху свика состанок за потврда на договореното со посредство на Вашингтон, Доха и Каиро. Претходно, од Белата куќа изјавија дека договорот стапува во сила в недела. Новоизбраниот американски претседател Трамп вели дека е подобро договорот да се финализира пред неговата инаугурација.

„Уверен сум и целосно очекувам дека имплементацијата ќе почне, како што рековме, в недела. Не е баш изненадувачки што во еден процес, во преговори, кој беше толку предизвикувачки може да добиете лабав крај“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Примирјето ќе се одвива во три фази. Првично со постепено ослободување на 33 заложници во замена за стотици палестински заробеници од Израел, повлекување на израелските трупи од енклавата и враќање на раселените во домовите, по што ќе се овозможат преговори за ставање крај на војната.

 

Маријана Димовска