Култура

Промоција на книгата „Гледна точка” на Јани Бојаџи

17.01.2025 19:57

На 21 јануари, вторник, со почеток од 19 часот, во Кинотека на Македонија, ќе биде промовирана книгата „Гледна точка“ на авторот Јани Бојаџи, македонски режисер, продуцент и сценарист...

На 21 јануари, вторник, со почеток од 19 часот, во Кинотека на Македонија, ќе биде промовирана книгата „Гледна точка“ на авторот Јани Бојаџи, македонски режисер, продуцент и сценарист.

„Дали навистина сум таков во текот на работа на сет или пак можеби не сосема? Со нетрпение чекам да видам дали е така како што сум пишувал?“, вели Бојаџи во најавата за промоцијата на книгата.

Водител на настанот ќе биде Александар Русјаков, а искуства ќе споделат и неколку актери, директори на фотографија и монтажери, соработници на Бојаџи.

Книгата „Гледна точка“ навидум зборува за работи за кои зборуваат, повеќе или помалку, на овој или оној начин, и сите многубројни учебници по режија и слични прирачници: основите на филмската режија, работата на режисерот, соработката со кинематограферот, со продуцентите, актерите итн. Но, она што ја прави оваа книга посебна, специфична, е тоа што таа е сосема лично видување на авторот на сите овие процеси, кое произлегува од неговото образование и досегашното работно искуство на филмот и телевизијата. Оттаму, и јазикот на книгата е искрен, отворен и авторот без задршки, храбро, анализира многубројни теми кои влегуваат во неговиот фокус, изнесувајќи сосема лични ставови и констатации. Оттаму, не случајно и книгата завршува со ставот на авторот: „Ова е мојата гледна точка!“ – д-р. А. Чуповски

Јани Бојаџи е познат македонски режисер, продуцент и сценарист, кој зад себе има повеќе од десетици филмски и телевизиски проекти. Тој е доктор на науки, професор по филмска и телевизиска режија на Интернационален Универзитет Europa PRIMA и од 2019 година, е директор на Телевизија Алфа. Во 2013 година, се вработил во Канал 5, каде бил режисер, сценарист и извршен продуцент на серијалот „Македонски народни приказни“ и играни и документарни филмови, каде работел до 2017 година. Во март 2023 година, Бојаџи станува основач на платформата „Кинемое“ која е наменета за македонска продукција за филмови и серии. Тој е директор на Фестивалот „Преку езерото“, кој се одржува еднаш годишно во Дојран од 2023 година. Бојаџи, има напишано повеќе од 50 колумни за весникот „Нова Македонија“, за театар и филм.

Тој им се заблагодарува на сите кои биле причина и инспирација да го создаде ова авторско дело од над триста страници, пишувани со љубов и страст кон филмот и уметноста на екранот, во безмалку три, за, како што вели, многу лути и многу слатки години, во исто време.