Македонија против Холандија во второто коло од Светското првенство во ракомет

17.01.2025 10:08

Според Лазаров, холандската селекција која можеби го игра најбрзиот ракомет во светот, е понезгоден противник за Македонија од Унгарија. Сепак, значајни се добрата атмосфера и самодовербата кај играчите...

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва ќе го одигра дуелот со Холандија од второто коло на Светското првенство. Турнирот го почнавме добро со реми против фаворитот Унгарија иако имавме големи шанси и да го освоиме цел плен и да почнеме со победа во рамки на групата Д.

„Мислам дека треба да бидеме навистина задоволни и нема за што да жалиме. Треба да го заборавиме натпреварот со Унгарија и со една позитивна мисла да одиме напред. Треба да бидеме свесни дека и покрај добриот резултат, можеше да биде и подобро, но да не бараме ‘леб преку погача’. Треба да бидеме задоволни и да се фокусираме на она што ни претстои“, изјави селекторот Лазаров.

Според Лазаров, холандската селекција која можеби го игра најбрзиот ракомет во светот, е понезгоден противник за Македонија од Унгарија. Сепак, значајни се добрата атмосфера и самодовербата кај играчите, која треба да се надополни со нов добар натпревар во Вараждин.

Следете го денешниот натпревар на јавниот сервис, емисијата посветена на светското првенство почнува во 17:15, а преносот од натпреварот во 17:50 на МРТ1 и МРТ3.