Израел го одобри договорот за ослободување на заложниците
Вашингтон уверува, спогодбата ќе почне да се применува в недела. Израелски медиуми објавија список со имиња на заложници што ќе бидат ослободени во замена за палестински затвореници. Болниците во Тел Авив подготвени за нивна помош и поддршка…

Израелски медиуми објавија список со 33 заложници кои треба да бидат разменети за 2.000 палестински затвореници во првата фаза од договорот меѓу Израел и Хамас. Списокот не информира за нивната состојбата. Болниците се подготвени за состојбите на киднапираните што ќе бидат ослободени по повеќе од 15 месеци.
„Овие заробеници веројатно се држат во многу лоши услови, со недостиг на храна и хигиена. Се подготвуваме не само за медицинските состојби, се грижиме и развиваме протоколи за менталниот статус на луѓето кои се враќаат“, изјави д-р Хагар Мизрахи, раководител на медицинскиот директорат во Министерството за здравство.
Хамас соопшти дека нивниот список ќе биде објавен преку Канцеларијата на затвореници во согласност со фазите на размената.
„Потврдуваме дека списоците на нашите ослободени затвореници во првата фаза од договорот за размена, како дел од договорот за прекин на огнот, ќе бидат објавени преку Канцеларијата на затвореници во согласност со фазите и процедурите на размената.“
Камиони со помош на границата меѓу Египет и Газа се подготвени за стапување на сила на примирјето. Меѓународната заедница со повик до двете страни да ги почитуваат условите.
„Искрено се надеваме дека овој договор го означува крајот на најтемното поглавје во историјата на односите меѓу Израелците и Палестинците“, рече Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.
По низа одложувања, кабинетот на израелскиот премиер Нетанјаху свика состанок за потврда на договореното со посредство на Вашингтон, Доха и Каиро, а за утре е закажана владина седница. Тел Авив очекува стапување на договорот во сила в недела, како што е планирано. Истото го потврди и Белата куќа.
Маријана Димовска
