Груевски: Индустријата има одличен развоен тренд

30.07.2014 14:13

Индустриското производство во првото полугодие од оваа година, како што рече премиерот, во однос на истиот период лани е поголемо за 4,5% ...

Растот на индустриското производство во јуни, во споредба со јуни минатата година од 4,9% е одличен показател за развој на економијата, изјави денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на нови дела од капиталниот проект „130 тома македонска книжевност“.

Индустриското производство во првото полугодие од оваа година, како што рече премиерот, во однос на истиот период лани е поголемо за 4,5%.

„Растот на индустриското производство е одличен тренд. Пред некое време ги видовме и другите податоци што излегоа како што се за прометот во индустријата, за бруто домашниот производ и за извозот и многу други параметри“, рече Груевски и додаде дека се наоѓаме во време кога економијата, особено индустријата има одличен развоен тренд.

Работиме на тоа, истакна премиерот, тој тренд да трае подолго, повеќе да опстојува и да расте.

„Секако тоа не зависи од нас, туку и од опкружувањето, а најмногу од земјите во кои извезуваме и со  кои соработуваме. Со надеж дека и европската економија ќе продолжи со опоравување веруваме дека и овој тренд ќе биде што подолг, што секако ќе се одрази на нашата крајна цел, а тоа е отворање на нови работни места во Република Македонија“, нагласи премиерот Груевски.