Починаа новороденчиња близначиња, од прилепската болница велат дека биле премрзнати
Трагедијата со смртта на двете бебиња-близнаци во прилепското село Славеј ја потресе јавноста. Од прилепската болница велат дека биле премрзнати, од Центарот за социјални работи сметаат дека имало сиромашни, скромни услови за живот но не биле во социјален ризик. Обвинител побара обдукција за причината за смртта на бебињата...

Новороденчињата – близначиња биле премрзнати, известуваат од прилепската болница. Едното, машкото, починало уште во семејниот дом во прилепското село Славеј, а женското и покрај реанимацијата и затоплувањето, починало во болницата.
Вака известуваат од прилепската болница за смртта на новороденчињата близначиња, трагедија која ја потресе јавноста. Бебињата биле родени на 30-ти декември како недоносени и со мала тежина под 2 килограми. Дваесет и четиригодишната мајка решила да си ги однесе дома на 10 јануари. Родителите вчера ја побарале лекарската помош откако бебињата биле во тешка здравствена состојба. Брачната двојка во Славеј живее од пред неколку месеци.
По увидот во семејството, од Центарот за социјални работи велат – условите за живот се скромни, хигиената не е на завидно ниво, но семејството не е во социјален ризик. Ќе има советодавни средби со родителите.
Мерките што ќе ги преземат надлежните со семејство ќе зависат од официјалната причина за смртта на бебињата.
Елизабета Митреска
