Пуштена во употреба пругата Куманово-Бељаковце
Се пушти во употреба дел од новоизградената железничка пруга. Од Куманово до Бељаковце ќе се патува со воз. За две до три седмици ќе започне да функционира и редовна линија помеѓу Куманово и главниот град. Станува збор за проект вреден 78 милиони евра. Паралелно продолжуваат активностите за останатите две фази од изградбата на пругата на Коридорот 8, која Македонија треба да ја поврзе со источниот сосед …

Од Куманово до Бељаковце може да се патува со воз. Пуштена е во употреба првата делница од железничката пруга на коридорот 8, која Македонија треба да ја поврзе со соседна Бугарија. Станува збор за пруга во должина од 31 километар, со три железнички станици, шест стојалишта. Инвестиција вредна 78 милиони евра, помогната од ЕУ. Освен брза врска со источниот сосед, се очекува економски раст, нови можности за македонските компании. Изминативе денови се пуштени проекти во вредност од 220 милиони евра, истакна на свеченото отворање премиерот Мицкоски.
„Јас сум убеден дека наскоро ќе се заврши и втората секција во рокот којшто е предвиден во договорот. А многу скоро од денеска ќе заврши и тендерската процедура за третата секција со што ќе бидеме целосно поврзани со нашиот источен сосед а со тоа ќе бидеме дел и од еден многу важен коридор не само за ЕУ туку и за НАТО алијансата“, нагласи тој.
За две до три седмици ќе започне да функционира и редовна железничка линија помеѓу Куманово и главниот град.
„Користењето на оваа пруга ќе значи многу за локалното население, бизнисот, инсистираме карго сообраќајот да се развива и веќе зборуваме за тоа“, истакна министерот за транспорт и врски, Николоски.
„Ова не е само изградба на железничката инфраструктура ова е градење конекција помеѓу луѓето, градовите, можностите. Ова е нова ера на мобилност, економски просперитет, подобра логистика, помали трошоци и поголема еколошка одржливост“, нагласи директорот на Железници, Ивановски.
Остануваат уште две фази од изградбата на железничката пруга.
На оваа релација последен пат возот сообраќал во 1996 година. Денес проектираната брзина на возот е 100 километри на час.
Македонија неодамна постигна договор со соседна Бугарија и ќе се ревидира дел од проектот од третата делница.
Елена Георгиевска
