Куманово

Вирусот ја наполни амбулантата на Итната помош

18.01.2025 12:51

Вирусот ја наполни амбулантата на Итната помош во Куманово. За помош дневно се обраќаат и до 200 пациенти. Најпогодени се дечињата...

Вирусни инфекции, но и падот на температурите и собирите за новогодишните и божиќните празници, ја наполнија амбулантата на Итната медицинска помош во Куманово. На дневно ниво се бележат од 150 до 200 интервенции информираат здравствените работници. Во тек на едноденоноќие велат имаат до 40 повици. Помош најмногу бараат родители на дечиња од предучилишна возраст.

„Зголемена температура, болки во грло, главоболки, повраќање кај дечиња. Најчесто нашите интервенции се кај хронични пациенти со белодробни болести, компликации на тие случаи, кај кардиоваскуларни пациенти покачени притисоци, но сепак беше од хроничен карактер пациенти, интервениравме доколку нешто не можеше да се санира ги носевме на болничко лекување на инфективно, интерно“, нагласи д-р Валентина Тодоровска Трајковска, Итна помош Куманово.

Лекарите укажуваат дека вакцинацијата останува најдобра заштита од сезонски грип.

Особено се апелира ризичните групи да избегнуваат собири. Препораката до граѓаните е периодов да внесуваат повеќе витамини, здрава храна и течности, и да не излегуваат кога аерозагадувањето е највисоко.

И Институтот за јавно здравје потврди дека Куманово е меѓу градовите со поголем број на заболени од сезонски грип.

Елена Георгиева