израел -хамас

Утре стивнува оружјето во Газа

18.01.2025 12:13

Израелската влада го ратификуваше договорот. По 15 месеци брутална војна во Газа, утре конечно стивнува огнот. Примирјето ќе почне во 8 часот и 30 минути по локално време, соопшти посредникот Катар. Објавен е список со 95 палестински затвореници кои ќе бидат ослободени, во замена за 33 израелски заложници. Палестинскиот претседател, Махмуд Абас уверува дека палестинската управа е подготвена да ја преземе целосната одговорност во повоена Газа.

Неколку часа до стапување во сила на долгоочекуваното примирје меѓу Хамас и Израел. Откако доцна синоќа израелската влада изгласа одобрување на договорот што ќе ја запре 15-месечната крвава војна, прекинот на огнот е планирано да почне утре во 8 часот и 30 минути по локално време. Договорот во неколку фази предвидува ослободување на 33-ца израелски заложници, деца, жени и возрасни лица, во замена за стотици палестински затвореници. Откако Израел го објави списокот на Палестинците кои ќе бидат ослободени, семејствата во исчекување на првата средба со најмилите.

„В недела ќе имаме посебна пригода, бидејќи тогаш му е роденден на Осама, роден е на 19-ти јануари 2006 година. Ќе наполни 19 години и ќе ја почне својата 20-та година од животот. Тоа ќе биде прослава за неговата нова година, но и прослава за неговиот нов живот. Го очекуваме неговото ослободување, но нашата радост е нецелосна поради луѓето во Газа“, изјави Насер Атаја – татко на затвореникот Осама Атаја.

Примирјето им дава надеж и на семејствата на израелските заложници кои во грч и исчекување се надеваат на позитивниот исход по 15-месечната голгота на нивните најмили. Тие сè уште не знаат дали нивните блиски се живи или мртви, а многумина ќе треба да ја чекаат фазата од договорот за која допрва треба да се преговара.

„Тој беше прекрасно дете. многу забавен. Само што ја заврши гимназијата и реши една година да паузира, се приклучи на израелските одбранбени сили. Беше киднапиран на 7-ми октомври на границата со Газа. Немаме список со имињата по кој редослед ќе бидат пуштани надвор, но се надевам дека ќе успеат да го извлечат моето момче“, изјави Ади Александар – татко на Едан Александар.

Од посредниот во преговорите Катар, пристигна потврда дека утре почнува примирјето. Катарското Министерство за надворешни ги советува жителите на Газа да бидат внимателни и да ги чекаат насоките од официјалните институции. За катарскиот премиер Ал Тани неуспехот не е опција. Додава дека мора да се најде трајно решение за палестинското прашање.
„Мирот нема да се случи доколку на крајот од денот не се формира палестинска држава со која ќе се реши основната причина на проблемот, а не да се санираат само симптомите од овој проблем“, изјави Мохамед Бин Абдулрахман Бин Џасим Ал Тани – премиер на Катар.


Согласно со договорот за прекин на огнот, во првата фаза Хамас треба да ослободи три жени, потоа четири лица на седмиот ден, а преостанатите 26-мина заложници во наредните пет недели. Тел Авив објави список со над 700 палестински затвореници кои треба да бидат ослободени во првата фаза од договорот, сите се жени или помлади лица. Многу потешка е втората фаза од прекинот на огнот и таа треба да се преговара додека трае првата.

 

 

Маја Стојанова