Вашингтон

Мицкоски во Вашингтон за инаугурацијата на Трамп

18.01.2025 13:49

Премиерот Мицкоски заминува за Вашингтон, за инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Во агендата, повеќе билатерални средби со луѓе од новата американска администрацијата...

Премиерот Мицкоски со шефот на дипломатијата Муцунски, вицепремиерот Меџити и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков во Вашингтон ќе присуствуваат на инаугурацијата на новиот американски претседател, Доналд Трамп. Тие ќе бидат дел и од свеченоста, насловена „гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата.

За време на престојот во САД, македонскиот премиер ќе се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на Трамп и министер за трговија, со Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на Трамп, како и со извршниот директор на Рамбл, Крис Павловски.
Од Владата велат дека целта на посетата е да се афирмираат нашите позиции пред новата администрација и да се негуваат добрите односи со САД.

Ова ќе биде втора инаугурација на Трамп, кој ќе биде 47-ми претседател на САД. Новоизбраниот американски претседател положи заклетва во понеделник во затворен простор во зградата на Капитол поради најавите на метеоролозите за исклучително ниски температури.

Трамп ќе положи заклетва на семејната Библија што му ја дала неговата мајка, како и на Библијата што ја користел претседателот Абрахам Линколн за време на неговата прва инаугурација во 1861 година.

Марина Стојанова - Тонева