Смртта на близначињата под лупа на Обвинителството
Обвинителството го чека наодот од обдукцијата на телата на двете близначиња од прилепско Славеј, па ќе се пресече како понатаму. Ќе се истражуваат сите елементи на случајот. Побарани сите документи за отпустот на бебињата од болница. Откриено дека семејството се разминало со патронажната сестра...

Дали ќе има истрага за смртта на близначињата ќе се знае по добивањето на извештајот од обдукцијата и проверката на медицинската документација. Обвинителот Стевче Биновски за МТВ вели дека освен што наредил обдукција на телата, ги побарал и извештаите за нивното раѓање, третман и отпуст од болница. Ќе проверува и што утврдиле лекарите од итната медицинска помош.
„Во градската болница во Прилеп се изврши обдукцијата, но треба време за да се изработи и достави извештајот. Обвинителството веќе има отворено предмет и постапува. Ќе утврдуваме и дали семејството го посетила патронажна сестра и дали им пружила помош. Ќе се разговара и со сите лекари коишто постапувале“, стои во изјавата на Стевче Биновски - обвинител.
Случајот е во фаза на предистрага. Првичните сознанија сугерираат дека децата починале од неисхранетост и премрзнување.
Директорот на прилепската болница Кире Јоноски за МТВ вели дека децата пред да бидат испишани од болница биле во добра здравствена состојба, примале храна и не биле на кислородна поддршка.
„Близначињата не примаа терапија и одлично се хранеа. Не беа за испис од болница единствено поради пониската телесна тежина. Но, и покрај убедувањето од лекарот да останат, мајката инсистираше да си заминат дома. Беа испишани и покрај објаснувањето за можни последици“, изјави Кире Јоноски - директор на болницата во Прилеп.
Јоноски вели дека семејството се разминало со патронажната сестра која дошла во рутинска контрола на децата. Во домот пристигнала истиот ден кога починало машкото дете, додека неговата сестра била однесена во болница.
Анита Димитријевска - Велковска
