Тик - Ток привремено недостапен за корисниците во САД
Корисниците кои се најавуваат на „Тик-ток“ ќе бидат пречекани со порака во која се наведува дека законот привремено го спречува обезбедувањето на услугата...

„Тик-ток“ доцна вчера им соопшти на своите американски корисници дека денеска ќе биде привремено недостапен бидејќи стапува во сила законот со кој се забранува да работи во САД.
Корисниците кои се најавуваат на „Тик-ток“ ќе бидат пречекани со порака во која се наведува дека законот привремено го спречува обезбедувањето на услугата.
„Работиме да ја вратиме нашата услуга во САД што е можно поскоро“, се вели во соопштението на „Тик-ток, кој е во сопственост на кинеската компанија „Бајт денс“.
„Тик-ток“ е една од најистакнатите социјални платформи во САД, која ја користат околу 170 милиони Американци, или приближно половина од вкупното население, вклучително и многу млади луѓе.
Врховниот суд на САД во петокот го потврди законот со кој се бара „Бајт денс“ да ја продаде популарната апликација што ја користат речиси половина Американци или ќе се соочи со забрана во земјата во недела поради загриженост за националната безбедност.
Администрацијата на претседателот во заминување Џо Бајден објави дека законот се однесува на фактот дека апликацијата е управувана од странски противник, а не слободата на говорот, и дека „Тик-ток“ би можел да продолжи да работи како порано доколку биде ослободен од кинеската контрола.
