По 15 месеци голгота, стапи на сила примирјето во Газа
Конечно стивна огнот во Газа. Но, и денеска имаше жртви. Израел се налути откако Хамас задоцни со објавувањето на списокот на заложници, па изврши нови напади. Откако групата ги соопшти имињата на тројцата кои ќе бидат ослободени, примирјето и официјално почна.

По неколку часа одложување, конвојот хуманитарна помош, амбулантни возила, десетици здравствени работници и персонал на „Црвената полумесечина“, преку граничниот премин Рафа се упатија кон енклавата. Жителите еуфорично излегоа на улиците да го прослават долгоочекуваното примирјето, во надеж дека по 15 месеци голгота, во Газа ќе се врати мирот.
„Поминавме година и половина во раселување, многу страдавме. По напорите сега се вати радоста во Појасот Газа. Се надеваме дека прекинот на огнот ќе биде траен“, рече жител на Газа.
„Моето чувство е среќа. Ова е остварување на сонот. Умревме милион пати. Му благодариме на Алах што е постигнат прекинот на огнот и што можеме безбедно да се вратиме во нашите домови“.
Семејствата на израелските заложници живеат во надеж дека по 15 месеци, нивните блиски ќе се вратат дома.
„Клучно е да се знае дека единствениот начин целото израелско општество да оди напред е да ги вратиме сите заложници назад“, рече Маја Роман – роднина на заложник.
„Со почетокот на овој прекин на огнот, се чувствуваме како да сме на прагот конечно да ги вратиме нашите заложници. 33 заложници треба да се вратат во наредните неколку дена. Сакаме сите да се вратат“, изјави Гил Дикман, роднина на убиен заложник.
„Вознемирен сум, напнат сум и загрижен сакам да ги слушнам имињата што ќе бидат објавени. Загрижен сум бидејќи не се знае како ќе стигнат и во каква состојба ќе бидат“, рече Цила Шалита, жител на Тел Авив.
Почетокот на примирјето беше времено одложен откако Хамас не го достави навреме списокот со израелските заложници кои треба да бидат ослободени. Следуваа нови напади врз Газа со нови жртви. Договорот за примирје предизвика потрес во израелската влада, откако крајнодесничарскиот министер за национална безбедност Бен-Гвир поднесе оставка во знак на револт.
Маја Стојанова
