Промовирани нови дела од капиталниот проект „130 тома македонска книжевност“

30.07.2014 16:30

Промовирани нови 5 тома од капиталниот проект „130 тома македонска книжевност“ и 25 дела преведени на македонски од албански и од турски јазик.

Достапни пет нови тома на македонски и на англиски јазик кои прикажуваат важна творечка етапа од македонската културна историја, поврзана со националната мисла, како и 25 наслови на дела на албански и на турски автори.

„Република Македонија може со гордо чело да застане пред совеста не само на Балканот туку и на светот“, рече Илхами Емин, писател и промотор на турските дела.

Високите книжевно-естетски вредности на делата од сите жанрови што се опфатени во оваа едиција веќе добија и меѓународна потврда преку дистрибуцијата и промоцијата на комплементарниот издавачки проект.

„Овој зафат несомнено овозможува приближување и интегрирање на македонскиот културен и јазичен простор, и е значителен исчекор во меѓусебното проткајување на спецификите на современото творештво на сите заедници што живеат во Република Македонија“, рече Елизабета Канческа Милеска, министер за култура.

Реализацијата на овој проект почна во 2007.

„Веќе во 2008 година почнаа и првите промоции, а во 2009 година главнината од овој грандиозен проект и основната замисла беа реализирани. Беа објавени дела на околу 200 писатели напишани на македонски, албански, турски, ромски и на влашки јазик“, рече премиерот Никола Груевски.

Со едицијата „македонска книжевност“ ја оставивме подотворена вратата низ која денес поминуваат уште пет нови тома. Сите овие дела, рече груевски, претставуваат значајно богатство во македонската културна и книжевна ризница и стануваат дел од овој проект. Со преводот пак на македонски од 25 дела на албански и на турски јазик градиме мостови меѓу јазичните бариери и помагаме семето на знаење и убавата мисла да биде расеано низ повеќе агли на нашата прекрасна земја, додаде Груевски.

Ана Јосифоска Тодоровска