Блиски Исток

По неколку часа одложување, конвојот хуманитарна помош се упати кон Газа

19.01.2025 15:21

Конечно стивна огнот во Газа. Но, и денеска жртви. Израел се налути откако Хамас задоцни со објавувањето на списокот на заложници, па изврши нови напади. Откако групата ги соопшти имињата на оние кои први ќе ги ослободи, примирјето и официјално почна.

По неколку часа одложување, конвојот хуманитарна помош, амбулантни возила, десетици здравствени работници и персонал на „Црвената полумесечина“, преку граничниот премин Рафа се упатија кон енклавата. Жителите еуфорично излегоа на улиците да го прослават долгоочекуваното примирјето, во надеж дека по 15 месеци голгота, во Газа ќе се врати мирот.

„Поминавме година и половина во раселување, многу страдавме. По напорите сега се вати радоста во Појасот Газа. Се надеваме дека прекинот на огнот ќе биде траен“, изјави жител на Газа.

„Моето чувство е среќа. Ова е остварување на сонот. Умревме милион пати. Му благодариме на Алах што е постигнат прекинот на огнот и што можеме безбедно да се вратиме во нашите домови“, изјави жител на Газа.

Семејствата на израелските заложници живеат во надеж дека по 15 месеци, нивните блиски ќе се вратат дома.

„Клучно е да се знае дека единствениот начин целото израелско општество да оди напред е да ги вратиме сите заложници назад“, рече Маја Роман, роднина на заложник.

„Вознемирена сум, напната сум и загрижена сакам да ги слушнам имињата што ќе бидат објавени. Загрижен сум бидејќи не се знае како ќе стигнат и во каква состојба ќе бидат“, изјави Цила Шалита, жител на Тел Авив.

Почетокот на примирјето беше времено одложен откако Хамас не го достави навреме списокот со израелските заложници кои треба да бидат ослободени. Следуваа нови напади врз газа со нови жртви.

„Ако меѓународната заедница сака да придонесе за траен прекин на огнот, мора ја разби воената моќ на Хамас и да ги укине владините капацитети на Хамас“, изјави Гидеон Сар, министер за надворешни на Израел.

„Се надеваме дека денес, за разлика од вообичаеното однесување – ционистичкиот режим ќе го исполни ветувањето. Дека оган против угнетениот народ на Газа ќе престане и ќе биде постигната историска и одлучувачка победа, која ќе послужи како голема лекција“, изјави генерал Хосеин Салами, врховен командант на Иранската револуционерна гарда.

Договорот за примирје предизвика потрес во израелската влада, откако крајнодесничарскиот министер за национална безбедност Бен-Гвир поднесе оставка во знак на револт.

 

Маја Стојанова