По 15 месеци минати во заробеништво во Хамас, ослободени 3 заложнички
По 15 месеци ослободени првите заложници од Појасот Газа. Израел и Хамас почнаа со спроведување на договорот. Во првата фаза треба да бидат ослободени 33-ца во замена за палестински затвореници …

28-годишната Емили Дамари, 24-годишната Роми Гонен и 31-годишната Дорон Штајнбрехер се ослободени по 15 месеци минати во заробеништво на Хамас. Младите жени се вратија во Израел и се со своите семејства.
„Среќен сум што можам да известам дека тие се во стабилна состојба. Тоа ни овозможува да се фокусираме на она што е најважно за сега, повторното обединување со нивните семејства. Ќе продолжиме да ја следиме нивната клиничка состојба“, изјави проф. Итаи Песах, шеф на тимот за извлекување заложници.
Околу 90 палестински затвореници од окупираниот Западен брег и Ерусалим се ослободуваат како замена за трите заробенички. Долгоочекуваниот прекин на огнот во Газа стапи во сила вчера по неколку часовно одложување. Хамас ги ослободи првите тројца заложници, од вкупно 33 во согласност со првата фаза од договорот за прекин на огнот со Израел. Од Тел Авив велат дека се подготвени да одговорат на сите предизвици.
„Не можеме да ги замислиме ужасите што ги преживеаа овие три млади жени во 15-месечното заробеништво на Хамас. Мораме да се потсетиме и на храбрите војници кои ги ризикуваа своите животи и оние кој ја плати крајната цена за да се осигури дека овој момент на враќање на заложниците дома е можен“, изјави Даниел Хагари, портпаролот на израелската војска.
Хамас тврди дека ќе го почитува договорот за прекинот на огнот и ќе соработува во процесот. Од групата велат дека спроведувањето на договореното, сепак зависи и од Израел. Предупредија дека секое еднострано прекршување на условите од израелска страна може директно да влијае врз безбедноста на израелските заробеници.
„Ние, заедно со нашите браќа во палестинските фракции на отпорот, ја објавуваме нашата посветеност на договорот за прекин на огнот и нашата подготвеност да ги спроведеме неговите одредби и да се придржуваме до неговите услови. Притоа нагласуваме дека сето ова зависи од посветеноста на непријателот“, изјави Абу Обеида, портпарол на бригадите Касам, воено крило на Хамас.
Американскиот претседател Бајден рече дека оружјето во Газа замолкна според договорот што тој го претстави во мај, а сега е ред на новата администрација да го спроведе договорот.
„Денешниот прекин на огнот во Газа и ослободувањето на заложниците е резултат на принципиелната и ефективна политика со која претседаваме со месеци. Дојдовме до ова без проширен конфликт на блискиот исток што многумина го предвидуваа, а сега е на следната администрација да му помогне да го спроведе овој договор“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Во Газа некои Палестинци почнаа да се враќаат во своите домови, а граѓаните не ја криеја радоста.
Роднините на заложниците кои сè уште се држат во Газа го повикаа новоизбраниот претседател на САД, Трамп да обезбеди ослободување на нивните најблиски.
„Претседателе Трамп, ве молам да продолжите да се борите за моите браќа и за сите останати заложници во Газа. Ве молам погрижете се работата да биде завршена и сите да се вратат дома пред да биде предоцна“, изјави брат на заложник.
42 дена ќе трае првата фаза од примирјето. Дотогаш, треба да и да се зголеми хуманитарна помош, со стотици камиони дневно во Газа, многу повеќе отколку што претходно дозволуваше Израел.
Маријана Димовска
