Пожар во дом за стари лица во Србија, најмалку шест лица загинаа
Во пожар што утринава околу 4 часот и 30 минути избувна во дом за стари лица во Велики Борак, во белградската општина Бараево, шест лица загинаа, а неколку се повредени ...

Шест лица загинаа, а неколку се повредени во пожар што утринава околу 4 часот и 30 минути избувна во дом за стари лица во Велики Борак, во белградската општина Бараево. Пожарот е изгаснат, а во гаснењето учествувале голем број пожарникари и противпожарни возила.
Четворица повредени се пренесени на токсиколошкиот оддел на ВМА, додека на две лица им е укажана помош во Ургентниот центар. На интервенција се упатени четири екипи од Итната медицинска помош, уште две дополнителни екипи од Лазаревац и една од Бараево.
Вршителот на должноста помошник министер и раководител на Секторот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ изјави дека се претпоставува дека во моментот на пожарот во објектот имало 30 корисници. Српскиот министер за труд и социјална политика изјави дека според првичните податоци има индиции дека пожарот е подметнат. Домот за стари лица „Ивановиќ“ имал важечка лиценца и сите потребни барања за заштита од пожари.
Се работи на расчистување на случајот.
