Невреме во регионот: Торнадо во Хрватска, жртви во Бугарија и Романија

30.07.2014 16:46

Хрватските метеоролози викендов предвидуваат влошување на времето...

Невремето повторно беснее во Хрватска. Во Оребиќ се формира торнадо кое од вода, преминува на копно, крши гранки и носи се пред себе. Среќа во целата ситуација е што торнадото беснеело во ненаселено место. Во Задар паднаа над 110 литри дожд.

„Имаше и удар од гром во едно стебло. Пожарникарите  гасеа. Се на се, во невремето имаше 22 интервенции и се испумпа многу вода“.

„Имаше многу вода, но во Задар знае да има и повеќе вода“, вели хидрологот  Боривоје Терак.

Хрватските метеоролози викендов предвидуваат влошување на времето. Невреме и се заканува и на Србија, каде што се очекуваат обилни дождови и грмежи. 

Тројца загинаа, а повеќе од стотина ги напуштија своите домови поради поплавите што зафатија неколку села во Бугарија и во Романија. Поројните дождови предизвикаа поплави во реонот на бугарскиот град Габрово.

Без струја се 17 села, а има проблеми и со водоснабдувањето. Поплавите предизвикаа лизгање на земјиштето, а уништени се и неколку мостови и патишта.

Во поплавите на повеќе локации во Романија, пак, загинаа двајца. Во југозападна Романија, од три села се евакуирани 500 лица, додека 75 куќи се урнати. Во загрозените подрачја се упатени хеликоптери, кои им укажуваат помош на жителите заедно со припадниците на армијата.

„Веќе од утре ќе правиме проценка што мора да биде поправено веднаш, кои  патишта, улици и мостови. Истотака,ќе им помогнеме и на луѓето да ги обноват своите домови“, изјави романскиот премиер, Виктор Понта.

Според првичните податоци, поплавени се околу 1.100 домови и други објекти и голем број мостови на вкупно 63 локации.

 

Лидија Чакар