Израелските власти веруваат дека од 251 заложник, само 60 се сè уште живи
По 15 месеци ослободени првите заложници од Појасот Газа. Израел и Хамас почнаа со спроведување на договорот. Во првата фаза треба да бидат ослободени 33-ца во замена за палестински затвореници...

Небото над палестинската енклава тивко за првпат по 15 месеци. Измешани чувства и во Израел и во Газа. Три Израелки на возраст од 24, 28 и 31 година се ослободени од заробеништво на Хамас, што го означи првиот чекор во договорот за прекин на огнот. Десетици палестински затвореници пак беа пуштени од израелските затвори.
„Среќен сум што можам да известам дека тие се во стабилна состојба. Тоа ни овозможува да се фокусираме на она што е најважно за сега, повторното обединување со нивните семејства. Ќе продолжиме да ја следиме нивната клиничка состојба“, изјави проф. Итаи Песах, шеф на тимот за извлекување заложници.
Во рамки на првата фаза од спогодбата, која ќе трае 42 дена, се очекува ослободување на уште 30 израелски заробеници во замена за палестински затвореници.
„Во овој договор има ризици и има предизвици. Подготвени сме и знаеме како да одговориме на сите предизвици и знаеме како да се вратиме, да се бориме и да застанеме во одбрана на сите цели на војната“, изјави Даниел Хагари, портпаролот на израелската војска.
Низ преминот Рафах минуваат камионите со хуманитарна помош за погоденото палестинско население. Хамас предупреди дека секое прекршување на условите може директно да влијае врз безбедноста на заробениците.
„Ние, заедно со нашите браќа во палестинските фракции на отпорот, ја објавуваме нашата посветеност на договорот за прекин на огнот и нашата подготвеност да ги спроведеме неговите одредби и да се придржуваме до неговите услови. Притоа нагласуваме дека сето ова зависи од посветеноста на непријателот“, изјави Абу Обеида, портпарол на бригадите Касам, воено крило на Хамас.
Договорот за прекин на огнот во Газа беше постигнат со посредство на САД, Катар и Египет. Нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври 2023 година резултираше со киднапирање на вкупно 251 лице, израелските власти веруваат дека само 60 од нив сè уште се живи.
Маријана Димовска
