Опасност: Еболата излезе од Африка

30.07.2014 16:53

Еболата излезе од Африка. Досега починале 670 лица, а Светската здравствена организација располага со податоци за над 1200 заболени. Лекарите кои се соочуваат со епидемијата од смртоносниот вирус против кој нема лек предупредуваат на опасноста да излезе од контрола. Почина и најголемиот експерт од Сиера Леоне, лекарот Шеик Умар Хан.

Еболата излезе од Африка. Постои опасност болеста да се рашири низ светот откако 40-годишен заболен Американец успеал да се качи на два меѓународни лета иако имал симптоми, повраќал и имал температура. Патувал дури со 2 преполни меѓународни авиона од Либерија до Гана, а потоа и до Того. Починал кога стасал во Лагос, Нигерија. Се алармира дека сите што биле во авионите со него се во сериозна опасност бидејќи еболата е многу заразна и смртоносна во 90 насто од случаите. Пронајдени се 59 патници од кои 20 се веќе тестирани, но властите имаат проблем да ги лоцираат и другите патници кои може да се упатиле каде било во светот. Еден заразен Либериец поминал низ најголемиот нигериски аеродром. Поради опасноста од натамошно ширење, неколку западноафрикански авионски компании прекинаа да летаат кон Сиера Леоне и Либерија.

„Имаме итна ситуација. Веќе сме во неволја. Се бориме против нешто многу големо, а ќе биде уште поголемо ако не добиеме повеќе ресурси“, изјави Тонски Крис Лејн, епидемиолог на СЗО.

 Вчера почина и водечкиот експерт на Сиера Леоне, докторот Шеик Умар Хан, кој се заразил од оваа смртоносна болест.

„Побаравме да ни пратат друг доктор. Многу ни е жал за д-р Кан“, изјави Мариама Дараса, жител на Сиера Леоне.

Епидемијата на ебола ги зафати Сиера Леоне, Либерија, Гвинеја и Нигерија. Според податоците на Светската здравствена организација, досега од смртоносниот вирус ебола починале над 670 лица, а бројот на заразените е над 1.200 случаи.  Експертите тврдат дека станува збор за еден од најопасните случаи на ширење на еболата во историјата.

„Првпат третирам епидемија на ебола од овие размери. Стотици починаа. Пропуштивме многу случаи. Не можеме да ја контролираме епидемијата, се шири во сите правци, а немаме доволно ресурси“, вели  Хозе Ровира, логистичар на СЗО.

Нема докази дека еболата се шири кон САД иако имало еден заразен американски лекар и една мисионерка во Либерија. Нема заразен ниту во Велика Британија, изјави британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд, но предупреди за можна опасност. Специјалниот британски комитет за вонредни ситуации КОБРА, со кој раководи Хамонд, денеска одржува седница посветена на состојбата со еболата.

„Ја разгледуваме секоја закана во светот што може да има импликации врз Велика Британија. Епидемијата е причина за загриженост, доволно сериозна за да реагираме. Со колегите министри разгледуваме што да преземеме за безбедноста на Обединетото Кралство“, рече Филип Хамонд, секретар за надворешни работи на Велика Британија.

Не постои вакцина против еболата.Смртноста е најмалку 60 проценти. Симптомите се силна треска, болки во мускулите, повраќање, дијареја, а во некои случаи и откажување на одделни органи и незапирливо внатрешно и надворешно крвавење.Инкубацијата е до 21 ден.

Соња Стојановска