Кривичен суд

Судот определи 30-дневен притвор за Трајковски и уште осум лица, еден доби куќен

20.01.2025 13:15

Кривичниот суд определи 30 дена затворски притвор за Раде Трајковски-Штекли, и уште осум лица, за еден е одреден куќен, под сомнение дека се поврзани со неовластено производство и трговија со дрога...

Кривичниот суд одреди мерка затворски притвор 30 дена против девет лица, за едно куќен од вкупно 14-члената група осомничени за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Криминалната група предводена од Раде Трајковски-Штекли е приведена по долга истрага на полицијата и извршени претреси на повеќе локации во Скопје и Гевгелија каде се пронајдени голема сума пари, возила, телефони, оружје и дрога.

„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, определи мерка притвор во траење од 30 дена, поради постоење опасност од бегство, околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоци и повторување на делото“, стои во соопштението од Кривичен суд.

Недостапни за органите на прогон се уште две осомничени лица коишто припаѓале на истата криминална група.

Судот одреди мерка притвор и против две лица коишто се во бегство.

 

Ирина Гелевска