Под Трескавец- ранохристијанска базилика од 5-ти век
Ако досега беа претпоставки,веке и научно е поврдено дека манастирот Трескавец кај Прилеп два милениума бил еден од најзначајните манастирски центри во овој дел на балканот. Најновите докази укажуваат и дека црквата била изградена на ранохристијанска базилика што потекнува од 5-ти век...

Конечно после векови, научно се докажа милениумската приказна за Трескавец. Она што до вчера беше само мит и легенда, денес фактографски и со материјални докази може да потпкрепи. Најновите археолошки истражувања во манастирот докажаа дека на ова место животот се одвивал од 2 век п.не. па се до денес и тоа во 17 етапи. Најстара била античката населба Колобаиса, за која конечно се открија детали.
„Таа претпоставка се потврди со веќе издеференцирана планиметрија, односно распоред на населбата, распоред на некрополата, ограденото подградие на населбата и фортификацијата. Значи можеме да зборуваме за структура на населбата каде во таа населба можеме да го претпоставиме местото каде бил храмот на Аполон и Артемида“, истакна Бранислав Ристески, раководител на проектот.
Значајно откритие исто така е што црквата била изградена на темелите на ранохристијанската базилика која потекнува од 5 век. Се докажа дека Трескавец низ 2 милениуми бил еден најзначајните манастирски центри во овој дел на Балканот.
„Истражен е простор за кој досега само се претпоставувало што се содржи во себе, но сега имаме едни истражувања кои ќе дадат одговори на многу прашања и непознаници поврзани со овој простор“, вели Гордана Данилоска Спироска, директор на Музеј Прилеп.
Овие истражувања беа дел од проектот за конзервација на црквата, старата трпезарија и магерницата кој треба да биде изготвен до крајот на годината. Се очекува за брзо да се заврши и проектот за обнова на конаците, чија реализација би започнала најверојатно во 2015-та.
Дарко Штаргоски
