Предложен новиот состав на лустраторскиот тим
Зврши општата расправа во пленарната сала за изборот на новиот лустраторски тим. Гласањето најавено за утре во 12 часот. 82 гласа се потребни за староновиот тим да добие мандат за наредните 4 години да ја заврши проверката на соработничките досиеја...

Од 32 пријавени на огласот матичното собраниско тело ги селектираше 11-те члена на лустраторскиот тим. Петтемина од стариот тим со 6-те нови членови треба да го заокружат процесот на проверки на соработничките досиеја. Матичната собраниска комисија врз основа на договорите меѓу парламентарните претставници ја утврди листата.
Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на фактите, Арсен Љума, заменик претседател на Коисијата. За членови се предложени, Новица Вељаноски, Вецко Здравевски, Предраг Димитриевски, Игор Лазаревски, Сашко Јанев, Даут Даути, Шпенд Винца, Лимко Бејзароски и Ристана Лалчевска.
Експратеничката Лалчевска од редовите на Либерната партија е предлог на Роза Топузова Каревска. Најголемата опозициска партија и за овој, како и за претходниот оглас за којшто изостана двотретинската поддршка, без номинарани предлози.
„СДСМ во еден момент одлучи да ги блокира сите инцијати кои доаѓаат во однос на Комисијата за лустрација, впрочем СДСМ постапуваше така и со многу други теми итоа си доби завршница со нивното непризнавање на последните парламентарни и претседателски избори“, рече Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија задоцни со лустрацијата. Процесот требаше да стартува во деведестите смета опозиционерката Каровска. Според неа приоритет за Комисијата треба да бидат досиејата на актуелните носители на јавните функции.
„Оние коишто не се помеѓу живите немаат и можност да се бранат, нормално и да докажуваат дали навистина тие со право се прогласени за кодоши“, рече Роза Топузова Каревска од ЛДП.
Ова е втор обид да се избере новиот лустраторски тим, којшто заклучно со 2018 –та година треба да го заврши расветлувањето на минатото. Првите две позиции во Комисијата се ротациски со мандат од 6 месеци.
Виолета Димовска
