Уникатно одбележан Денот на рибарите
Во Охрид продолжува традицијата на капење на празникот Свети Јован Крстител, кој се слави и како Ден на рибарите. Охриѓани и гостите покрај во атракцијата на вода во месноста Сараиште уживаа во добрата забава и греаната ракија...

Со групно капење во езерото младите верници од Охрид, денеска на празникот Свети Јован Крстител, кој се одбележува и како Ден на рибарите ја продолжија традицијата на своите предци, кои на тој начин ја искажувале својата приврзаност кон езерото.
„На Свети Јован завршувала забраната, забрана за ловење на пастрмка, затоа што во овој период се мрести во езерово. Кога ќе завршел татиљот, првото фаќање на риби се крстеле и влегувале во вода да се капат“, изјави Љупчо Маслов – рибар.
Покрај во групното капење охриѓани и гостите уживаа и во убавата охридска староградска песна, но и во греаната ракија.
„Прв пат сум оваа година за Богојавление во Охрид. Амбиентот е прекрасен, луѓето се весели“, изјави посетител.
„Се радуваме на овој ден и едвај чекаме да дојде, Господ да ни е напомош“, изјави друг.
Со денешниот ден завршуваат Богојавленските празнувања кои придонесоа во Охрид да допатуваат голем број гости од земјава и странство.
Сашо Нелоски
