Коцевски: Без разлика што е во бегство, постапката за Груби продолжува
Предистражна постапка почнало Обвинителството за поранешниот вицепремиер Артан Груби и за судијата Енвер Беџети за случајот во кој двајцата се најдоа на црната листа на САД. Се истражува и дали криењето на предметите за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков учествувало и трето лице...

Македонското Обвинителство води предистражна постапка за поранешниот вицепремиер Артан Груби и за апелацискиот судија Енвер Беџети за злоупотреби, откако тие неодамна се најдоа на црната листа на САД. Иако и двајцата не се достапни за органите на прогонот во земјава републичкиот обвинител Љупчо Коцевски вели дека постапката за нив продолжува. Распишана е меѓународна потерница за нивно лоцирање и пронаоѓање, а јавните обвинители во земјата ги преземаат неопходните дејствија. Во почетокот на декември 2024 година американскиот Стејт Департмент, ги стави Груби И Беџети на црната листа поради нивната вмешаност во „значителна корупција“ со прифаќање мито за уривање на судските процеси против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Обвинителот Коцевски вели дека сè уште нема истрага за ставањето во фиока на предметот за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Предметот е во фаза на предистрага.
Во меѓувреме помина еден месец од бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој на 15-ти декември ја напушти земјава. Надлежните институции не откриваат која е крајната дестинација на којашто заминал Груби, но велат дека се надеваат оти тој наскоро ќе биде пронајден и екстрадиран. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски неодамна откри дека МВР има оперативни информации за тоа каде е ексвицепремиерот Артан Груби кој се бара со потерница, а за кого се тврдеше дека е избеган во Албанија.
Игор Панов
