Здравство

Државниот санитарен и здравствен инспекторат со вонреден инспекциски надзор во прилепската болница

20.01.2025 16:45

Државниот санитарен и здравствен инспекторат со вонреден инспекциски надзор во прилепската болница за двете новороденчиња-близначиња кои починаа пред четири дена. Во меѓувреме се чека наодот од обдукцијата за да се утврдат причините за смртта на бебињата …

Државниот санитарен и здравствен инспекторат влезе во прилепската болница со вонреден инспекциски надзор за двете новороденчиња-близначиња кои починаа пред четири дена. Едното бебе, почина во семејниот дом во селото Славеј, другото по неколку часа во прилепската болница.

Извештајот на Инспекторатот го чека и прилепското обвинителство кое ја побара и целокупната медицинска документација. Обвинителството го очекува и обдукцискиот наод за причината за смртта на бебињата, а ќе бара одговор и за посета на патронажната служба во домот на младата брачна двојка која има уште три малолетни деца.

По трагедијата, прилепската болница извести дека бебињата починале по премрзнатост. Родени се два дена пред нова година. Биле недоносени, родени во 34-тата гестациска недела, со тежина под 2 килограми. На 10-ти јануари, мајката на своја одговорност си заминала со бебињата од болницата од каде уверуваат дека биле во добра општа состојба. Откако во четвртокот им се влошила здравствената состојба, родителите повикале итна помош која констатирала смрт кај едното, машко бебе, а другото бебе починало неколку часа потоа во болницата, иако лекарите се обидувале да го реанимираат и да го затоплат.

Од Инспекторатот велат дека извештајот од вонредниот надзор во болницата за брзо ќе биде готов.

 

Елизабета Митреска