По 15 месеци ослободени првите заложници од Појасот Газа
Со размена на првите три израелски заложнички во замена за палестински заробеници почна одбројувањето од првата фаза на договорот меѓу Израел и Хамас. Низ преминот Рафах минаа стотици камиони со хуманитарна помош...

Првпат по 15 месеци небото над Газа мирува. Со размена на првите три израелски заложнички во замена за палестински заробеници почна одбројувањето од првата фаза на договорот меѓу Израел и Хамас. Низ преминот Рафах минаа стотици камиони со хуманитарна помош. Раселените Палестинци во неверување се враќаат кон урнатите домови. На улиците низ Газа распоредени полициски сили.
„Бевме шокирани кога ја видовме состојбата овде. Мајките се обидуваат да се приспособат, децата исто така“, изјави жител на Палестина.
„Нашата грижа ќе биде да внимаваме на граѓаните кои се жртвуваа и застанаа со отпорот плаќајќи ја цената на оваа крвава војна, да внимаваме на нивната удобност и да ги заштитиме“, изјави Махмуд Абу Ватфа, потсекретар на Министерството за внатрешни работи во Газа.
Секое прекршување на условите може директно да влијае врз безбедноста на заложниците – предупреди Хамас. За Тел Авив овој договор има ризици и предизвици. Велат дека се подготвени да одговорат на се.
„Ние сме подготвени и знаеме како да одговориме на сите предизвици, знаеме како да се вратиме и да се бориме, да застанеме во одбрана на сите цели на војната“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Армијата на Израел.
„Ја објавуваме нашата посветеност на договорот за прекин на огнот и нашата подготвеност да ги спроведеме одредбите и да се придржуваме до условите, но нагласуваме дека сево ова зависи од посветеноста на непријателот“, изјави Абу Обеида, портпарол на бригадите Касам, воено крило на Хамас.
Во првата фаза од шестнеделното примирје се очекува ослободување и на преостанатите 30 киднапирани по нападот на 7 октомври 2023-та. Израелците се надеваат дека договорот ќе се спроведе докрај, и сите заложници ќе се вратат кај најблиските.
„Огромна гордост и радост, заедно со болка и надеж дека ова е почеток и ќе ги вратиме сите назад“, изјави жителка на Израел.
Договорот за прекин на огнот во Газа кој беше постигнат со посредство на САД, Катар и на Египет, ќе се одвива во три фази со што ќе се овозможат преговори за целосен прекин на војната. Според податоците на ОН, 69 насто од инфраструктурата на Појасот Газа е разурната во војната. За обнова ќе бидат потребни милијарди долари.
Бојана Крстевски
