Законот за заштита на децата на собраниска седница
Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата повторно се враќа во собраниска процедура во рамки на денешната 31. седница, откако претходно претседателката Гордана Сиљановска Давкова не го потпиша указот за прогласување на Законот...

Собранието денеска ќе ја одржи 31-та седница. Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата повторно се враќа во собраниска процедура во рамки на денешната 31. седница, откако претходно претседателката Гордана Сиљановска Давкова не го потпиша указот за прогласување на Законот.
Пратениците го изгласаа овој Закон на 24 декември во рамки на 27-та пленарна седница, со обично и Бадинтерово мнозинство. Со непотпишувањето на Указот, законските измени се враќаат во Собранието, а доколку повторно бидат изгласани, претседателката ќе биде должна да го потпише Указот.
Во образложението на претседателката се наведува дека изгласаните измени на Законот содржат повеќе спорни одредби. Во образложението таа наведува дека спровела темелна анализа и експертски консултации по што бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од Предлог-законот.
Претседателката наведува дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.
Претседателката укажува и на одредбата од членот 182, став 5 од Законот за заштита на децата каде е регулиран начинот на добивање, продолжување и одземање лиценца за работа, формата и содржината на образецот за лиценца кои ги пропишува министерот.
И од Владата најавија дека законот ќе биде доработен и повторно ќе биде испратен во Собранието во законските рокови.
