САД

Реакции по инаугурацијата на Трамп

21.01.2025 09:58

Веднаш по заклетвата се нижеа честитките за враќањето на Трамп во Белата куќа, но не изостануваат и бурните реакции по неговиот инаугурациски говор. Стравувајќи од промени во надворешната американска политика, францускиот претседател Макрон ја повика Европската унија да се разбуди и да инвестира повеќе во сопствената одбрана.

Светските лидери упатија честитки до новиот американски претседател Доналд Трамп, изразувајќи желба да ги продолжат и подобрат односите со САД. Во надеж за ставање крај на конфликтот во Украина, претседателот Зеленски изјави дека е подготвен за соработка со новата администрација во Вашингтон и се надева на праведен мир.

„Украинците се подготвени да работат заедно со Американците за да се постигне мир, вистински мир. Ова е можност и тоа мора да се зграпчи“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Рускиот претседател Путин пак, ги поздрави намерите на новиот шеф во Белата Куќа да ги обнови контактите со Москва. Се надева дека дијалогот меѓу двете земји ќе се гради на еднаква основа и со заемно почитување. Потврди дека Русија е отворена за дијалог за украинскиот конфликт.

„Отворени сме за дијалог со новата американска администрација за украинскиот конфликт, но целта не треба да биде кратко примирје, некаков вид одмор за прегрупирање на силите, туку долгорочен мир заснован на почитување на легитимните интереси на сите луѓе и народи кои живеат во овој регион“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Претседателката на Европскиот парламент истакна дека Европа е подготвена да работи со новата администрација на Трамп за која вели дека нема да мине без предизвици, но дека се надева на позитивен исход за сите.

„Дозволете ми да ги упатам нашите најдобри желби на американскиот народ кога тие го почнуваат ова ново поглавје. Врската меѓу Европа и САД е камен-темелник на мирот, безбедноста и просперитетот со децении. Подготвени сме да работиме заедно за да ги зајакнеме нашите врски како пријатели и партнери, обликувајќи свет на стабилност, можности и надеж“, изјави Роберта Мецола, претседателка на Европскиот парламент.

Осврнувајќи се на очекуваните промени во надворешната политика на Вашингтон, францускиот претседател Макрон пак, го повика Западот да се разбуди и да инвестира повеќе во одбраната со цел да ја намали зависноста од САД.

„Ајде да направиме можност од оваа неопходност за автономија, можност за европски стратешки повик за будење. Што ќе правиме утре во Европа ако нашиот американски сојузник ги повлече своите воени бродови од Медитеранот? Ако ги испрати своите борбени авиони од Атлантикот во Пацификот?-изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Либералната демократија во западниот свет пропадна, претседателството на Трамп воведува нова ера-истакна десничарскиот популист и премиер на Унгарија, Виктор Орбан. Јапонскиот премиер Ишиба се надева на зајакнати односи со САД повикувајќи го Трамп да не се оддалечува од најблиските сојузници по најавата за повлекување од Парискиот договор за климата.

 

Бојана Крстевски