Анализа

Администрацијата на Трамп ќе се фокусира на стабилна и просперитетна Европа

21.01.2025 12:21

Новата администрација на Трамп ќе се фокусира на стабилна и просперитетна Европа, што не може да биде без стабилен Западен Балкан, оценуваат американските аналитичари од фондацијата Херитиџ и Меѓународниот републикански институт, коишто престојуваат во земјава. За МТВ велат дека новиот американски претседател ќе се фокусира на решавање на отворените прашања во регионот, меѓу кои и наоѓање договор меѓу Македонија и Бугарија за да се откочи патот на земјава кон членство во ЕУ.

Важно за новата администрација на Трамп е да има безбедна и просперитетна Европа, а тоа ќе значи и безбеден и просперитетен Балкан. Новата администрација на Трамп ќе ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија поради поврзаноста со стабилноста на Европа, оценува директорот на Меѓународниот републикански институт за Европа, Пол Меккарти.

„Новата администрација на Трамп ќе ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија поради поврзаноста со стабилноста на Европа. Не смееме да ја оставиме државата во сива зона. Мора да биде дел од целосна, слободна и просперитетна Европа. Мора да ја покренам важноста од договор меѓу Северна Македонија и Бугарија што ќе го отвори патот на Северна Македонија кон членство во ЕУ. Ако се земе за пример колку беше претходната администрација на Трамп вложена во дијалогот меѓу Србија и Косово, за очекување е дека ќе имаме многу повеќе вложеност во дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија да се реши ова прашање“, изјави Пол Меккарти-регионален директор за Европа на Меѓународен републикански институт.

Важно за новата администрација на Трамп е регионот на Западниот Балкан да остане стабилен. Фокус на администрацијата на Трамп ќе биде и обновување на дијалогот Србија – Косово и преговорите во БиХ, вели аналитичарот од фондацијата Херитиџ, Џејмс Карафано.

„САД имаат две стратешки цели на Западниот Балкан. Првата и најважна е регионот да биде стабилен. Се наоѓа зад источното крило на НАТО што е исклучително важно за одвраќање на Русија, но и за стабилноста на Европа. Така што стабилноста на Западниот Балкан е важна за САД. Сакаме земјите-членки на НАТО од регионот да бидат просперитетни, затоа што повеќе ќе придонесуваат за одбраната со раст на економиите. Второ ниту една држава не смее да биде стратешки зависна од Кина што ќе ги поткопа клучните интереси на сојузниците, вклучувајќи ги САД и Европејците. Затоа како втора цел ќе биде работа со партнерите да го ограничиме стратешкото влијание на Кина во регионот“, изјави Џејмс Карафано-виш советник на претседателот на фондацијата Херитиџ.

Најважно за Македонија имајќи го предвид нејзиното геостратешко значење, да се фокусира на патните правци од коридорот исток-запад поради инфраструктурното и транспортното поврзување што има и воени компоненти, велат американските аналитичари.

Ирина Гелевска