ИЈЗ

Ракот на грлото на матката најчесто малигно заболување кај жените

21.01.2025 12:26

Ракот на грлото на матката се развива бавно, што овозможува рано откривање преку редовни гинеколошки прегледи и скрининг тестови, како што е ПАП-тестот и тестирањето за хуман папилома вирус (ХПВ), велат од Институтот за јавно здравје...

Според последно објавените податоци на ИЈЗ, во 2022 година имало 173 пациентки со рак на грлото на матка, а бројот на починати од ова заболување бил 66.

„Во периодот од 10 години, односно од 2013 до 2022 просечната инциденца за ова заболување била 9,2 на 100.000 жени, или околу 170 нови случаи секоја година, тоа го прави ракот на грлото на матката шестото најчесто малигно заболување кај жените. Според податоците за морталитет, морталитетот изнесува 2,9 смртни случаи на 100.000 жени, или во просек 52 починати жени во овој период од рак на грлото на матката. Со редовни прегледи и водење добра грижа за сопственото здравје, сите овие смртни случаи може да бидат избегнати, бидејќи добар скрининг и рано откривање на сите случаи, води кон добри можности за ефикасен третман и избегнување на многу смртни случаи“, велат од ИЈЗ.

Во раните фази, овој рак често нема симптоми. Но, напреднатите фази може да предизвикаат абнормално вагинално крвавење помеѓу циклус, после менопауза или по сексуален однос, болка за време на сексуален однос, потоа болка во грбот, нозете или карлицата, необичен вагинален исцедок со интензивна непријатна миризба, губење на телесна тежина, апетит проследени со слабост и малаксаност, отоци на нозете. Раното откривање и навременото лекување значително ги зголемуваат шансите за излекување.

Третманот за рак на грлото на матката, како што додаваат, зависи од стадиумот на болеста. Во рани фази тоа значи хируршка интервенција или минимално инвазивни процедури, а во подоцнежни фази комбинација од радиотерапија и хемотерапија.