Здравство

Нема биолошка терапија за онколошките пациенти

21.01.2025 15:13

Пациентите на онкологија останаа без биолошка терапија, од Клиниката велат-проблем се административните процедури од минатото раководство. Се работи на надминување на проблемот …

Онколошките пациенти речиси една недела немаат дел од биолошката терапија. Стравуваат за своето здравје, неизвесно е кога повторно ќе ја примат. На клиниката недостигаат шест лека, а можно е за брзо време да снема уште неколку.

Здужението „Хема-онко“ бара надлежните да најдат решение. Апелираат во иднина овие лекови да бидат на позитивната листа и да се стави крај на проблемот што се провлекува со години.

Сè додека овие лекови се на условниот буџет постојано ќе бидеме во оваа недоумица дали и кога ќе снема средства да се набави терапијата. Веќе подготвивме дописи до Фондот и до Министерството за здравство да се обидат да најдат средства и да се одобрат средства за онкологија за да може оваа терапија да се набави во побрз рок. Да се надеваме дека ќе имаат слух и ќе излезат во пресрет бидејќи чекањето не оди во полза на никого“, изјави Ана Марјановиќ – здружение „Хема – онко“.

Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемениот број пациенти со метастатски канцер и тоа е една од причините за недостигот од терапија, велат од „Хема-онко“. Како втора причина го наведуваат позитивниот исход од биолошката терапија, која им го продолжува животот на пациентите, а имаат потреба да ја примаат подолг период.

Од онкологија велат се преземаат мерки за подобро планирање и поедноставување на процедурите за набавка на биолошката терапија.

„Нашата цел е да обезбедиме навремено и континуирано снабдување со овој вид терапија за пациентите, и веруваме дека со овие мерки актуелниот недостиг ќе биде надминат во најкраток можен рок. Во меѓувреме, пациентите се третираат со терапијата која моментално е достапна во клиниката, согласно со препораките на специјалистите и медицинските протоколи за третман“, велат од УК за радиотерапија и онкологија.

Во земјава нема регистар на болни од канцер за да се знае колку пациенти треба да примаат одредена терапија. Процените се дека годишно од рак заболуваат околу шест илјади граѓани.

Онколошките пациенти не се само жртва на својата болест, туку и на многубројни системски пропусти. Тие се во постојана неизвесност дали ќе го добијат лекот што ќе им го продолжи животот.

Адријана Ѓурческа